Формално непостоечкиот бугарски клуб „Иван Михајлов“ од Битола реагираше после вчерашното бришење од Централниот регистар на Македонија. Од клубот на својот Фејсбук профил објавија фотографија со амблемот на здружението и натпис: „Забранети, но не и поразени!“.

Ваквата одлука е резултат на измената на Законот за здруженија и фондации, изгласан едногласно во Собранието. Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнуваат и повикуваат на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

На основачите им беше даден рок да го преименуваат клубот, во согласност со измените во Законот за здруженија и фондации.

Претседателот на „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски на Фејсбук реагираше дека македонските Бугари во Северна Македонија своите права ќе ги бараат во Стразбур, пренесуваат бугарските медиуми.

Бугарскиот клуб е основан од македонски Бугари во Битола пред 3 години. На официјалното отворање во април 2022 година присуствуваа тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.