Католичката црква во Македонија остро реагираше по повод интервенцијата на муралот на света Мајка Тереза кај „Школка“ во Градскиот парк, каде што на ликот на светицата беше додадена марама. Во официјално соопштение Црквата го оцени чинот како „недостоен и навредлив“ и порача дека таквото постапување ги повредува верските чувства на верниците и почитувачите на нејзиното дело.
Во реакцијата се потсетува на значењето на Мајка Тереза за Скопје, Македонија и светот, со нагласување дека токму нејзиниот живот и дело ја направиле земјата препознатлива како симбол на хуманост и љубов кон сиромашните и болните.
„Почитта кон верските чувства е темелен принцип на секое демократско општество. Слободата на уметничко изразување е драгоцена, но таа мора да се остварува со почит кон достоинството и кон она што е свето за една заедница“, се наведува во соопштението.
Католичката црква ја повика јавноста на поголема свесност и одговорност кон светите личности и простори, а од институциите побара да преземат мерки за заштита на верските чувства на граѓаните и спречување на вакви појави во иднина.
Истовремено, Црквата изрази благодарност до сите граѓани и заедници што реагираа и го осудија чинот, оценувајќи го како „срамен и недостоен за делото на светицата родена во Скопје“.