ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ и останатите политички партии да се изјаснат во врска со Декларацијата што партијата ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Од партијата велат дека декларацијата „треба да го отслика единството и обединувањето на политичките партии во македонското Собрание, но исто така и единството на целокупното македонско општество околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна држава Република Македонија“.
Сакаме да потенцираме дека иако на денот на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ние ја најавивме оваа Декларација и таа веќе е поднесена до Собранието, досега три дена молк од СДСМ, како и од останатите политички партии во Македонија. Ја користам оваа прилика да ги повикам СДСМ, како и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност од македонската историја – изјави на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.
Според неа, само со единство, достојно почитување, достојно прославување и одбележување на дострелите на нашите претци од минатото можеме дополнително да ги зајакнеме демократските темели на државата и на македонското општество.
Ајде сите заедно да се обединиме и да ја донесеме оваа декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и да покажеме дека за вакви важни значајни ликови од нашата историја знаеме да бидеме единствени и обединети – порача Василевска.