Она што е поразлично во овој пик од претходните, според претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, е тоа што сега во земјава е присутен британскиот сој, кој се шири многу побрзо и за пократко време развива тешка клиничка слика.
– Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Овој британски сој во 24 до 48 часа развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа воспаление на бели дробови и тешка компликација се прави за нецели три дена. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези, до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште“, рече вчера Караџовски на гостувањето во телевизија Канал 5.
Круцијална, според него, е следната недела во делот на заболени, хоспитализирани, починати и болнички кревети.
– Се уште не сме го достигнале максимумот. Секој респираторен вирус ја има својата активност шест до осум недели. Во моментот сме крај на шестата недела. Круцијална е седмата недела во делот на заболени, хоспитализирани, починати и болнички кревети, рече Караџовски.
Засега, во земјава останува полицискиот час од 22 до 05 часот како рестриктивни мерка.
Проценките на Комисијата за заразни болести се дека нема потреба од воведување на нови дополнителни мерки бидејќи со нив ништо не би се постигнало.
Во моментот, вирусот е најдоминатен кај оние од 30 до 39 години, каде и има најголема хоспитализација, заедно со категоријата на граѓани над 60 години. Намалена е хоспитализацијата кај граѓаните од 40 до 50 години.
– Младите од 30 до 39 години се доминантна група каде се шири вирусот бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките, и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома, рече Караџовски.
Статистиката за бројот на хоспитализирани што вчера ја објави Министерството за здравство покажува дека во ковид-центрите и инфективните одделенија низ државата се лекуваат 1537 лица и има околу 250 слободни кревети. Само во Скопје за едно деноноќие се хоспитализирани 70 нови пациенти, а на инфективните одделенија се лекуваат вкупно 621 лице.