Турција предложи земјите членки на Организацијата на турски држави да формираат заедничка полициска организација под името „Туркпол“. Иницијативата е насочена кон зајакнување на борбата против прекуграничниот криминал, криминалните мрежи од новата генерација и нелегалната миграција.

Предлогот го изнел турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи на средбата на министрите за внатрешни работи на Организацијата на турски држави во Казахстан, објави турскиот весник „Сабах“.

Според замислата, „Туркпол“ би функционирал по моделот на Интерпол и Европол и би овозможил поголема координација и заедничко дејствување на полициските служби од земјите членки на организацијата.

Чифтчи информирал дека платформата на полициски академии „ТуркПап“, формирана во ноември минатата година, веќе активно работи. Како следен клучен чекор тој го навел формирањето Совет за борба против криминалот.

– Врз основа на овој договор за формирање, предложив како следна фаза, меѓу турските земји, да се формира организација слична на Интерпол и Европол под името Туркпол. И домаќините од Казахстан и министрите за внатрешни работи на Азербејџан, Киргистан и Узбекистан идејата ја примија исклучително позитивно. Верувам дека со идното формирање на Туркпол, нашата соработка и здружување на силите во борбата против прекуграничниот криминал и криминалците значително ќе се зголеми – изјави Чифтчи.

На средбата, покрај безбедносните прашања, се разговарало и за олеснување на движењето на граѓаните од земјите членки на Организацијата на турски држави, објави „Сабах“.

Веќе се работи на проект за отворање посебни заеднички шалтери за пасошка контрола на аеродромите, наменети за граѓаните на земјите членки на ОТС. Предложениот систем би бил сличен на моделот што се применува во Европската Унија.

Организацијата на турски држави е меѓувладина регионална организација формирана на 3 октомври 2009 година, со цел да ја унапредува сеопфатната соработка меѓу земјите поврзани со турско наследство, јазик и култура.

Полноправни членки на организацијата се Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан.