На велешката „Питијада“ беше подготвена пита долга 4 метри и 40 сантиметри, со што, според градоначалникот Марко Колев, Велес поставил нов рекорд. Средствата собрани од продажбата на питата, организирана во соработка со Црвениот крст Велес, ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

„Велес постави нов рекорд – вештите раце на пита мајсторите подготвија џиновска пита во должина од 4м и 40цм!“, објави Колев.

Питата ја подготвиле Ангел Костов, Зоранчо Илиевски, Лазе Коцевски, Благојче Николов, Паскал Јамалов, Кристина Маневска, Веле Глигоров, Никола Лазаревски и Александар Јамалов, заедно со младите Георгиј и Калина од Фурна „Гемиџии“. Подготовката била под надзор на шеф Горан Богоевски.

За питата биле употребени 17 килограми брашно, 28 килограми тесто, 45 килограми месо и 370 јајца.

„Оваа велешка традиција ја одбележавме заедно со советниците од Советот на Општина Велес, а во соработка со Црвен крст Велес беа собрани средства од продажба на питата кои ќе се употребат за хуманитарни цели“, напиша градоначалникот.

Колев најави дека програмата продолжува и ги покани граѓаните да ја посетат манифестацијата:

„Забавата продолжува, ве очекуваме на вкус што раскажува традиција!“