Универзитетскиот професор Вело Марковски, кој најави дека ќе се кандидира за шеф на државата, денеска на прес-конференција соопшти дека на претстојните претседателски избори ќе настапи како независен кандидат, но дека ќе прифати поддршка од сите поединци и партии освен од оние што, како што рече, макар и со една изјава го негирале постоењето на македонскиот народ, јазик и нација.
Независен кандидат за претседател поддржан од народот, како што оцени Марковски, е добра можност за обединување и функционирање на државата.
„Мојата визија за претседател е дека таткото на нацијата секогаш треба да биде на страната на граѓаните, да биде гласен брз разлика дали е изложен на внатрешен или на меѓународен притисок и дали се согласуваат странците. Вистински претседател секогаш ќе знае да ја објасни и да ја одбрани позицијата на својот народ и на својата држава и секогаш ќе биде заштитен од граѓаните“,рече Марковски на денешната прес-конференција на која официјално ја објави својата кандидатура за претседателските избори.
Марковски рече дека најголемата поддршка за претседателската кандидатура ја очекува од граѓаните, од кои и треба да ги добие потребните 10 000 потписи за да влезе во трката за шеф на државата, но додаде дека поддршка очекува и од политичките партии кои се согласуваат со неговата платформа.
Универзитетскиот професор и претседателски кандидат рече дека и покрај неговото членство во ВМРО-ДПМНЕ, досега не разговарал со лидерот на партијата Христијан Мицкоски околу својата кандидатура. Сепак, рече дека очекува поддршка од опозициската партија.
„Во овие 30 години многу често се случуваше ВМРО-ДПМНЕ да поддржува независни кандидати или функционери од други партии на многу клучни места. За градоначалник на Скопје неколку пати, за градоначалник на Центар, за министри. Така што, сега очекувам една спротивна ситуација – мојата партија ВМРО-ДПМНЕ да ме поддржи“,рече Марковски.
Повикувајќи се на свои сознанија, Марковски вели дека тој изминатиов период се нашол на листите за мерење рејтинзи на можните кандидати за претстојните претседателски избори, но вели дека нема информација и не може со сигурност да каже кој е нарачател на ваквите мерења.
Одлуката за претседателска кандидатура рече дека ја донел по многу разговори. Претстојните избори ги оцени како можност за храбра и квалитетна промена во извршувањето на функцијата претседател на државата.
Вело Марковски е познат специјалист инфектолог. Роден е на 11 мај 1958 година во Папрадиште, Велешко.
Тој е прв што во јавноста објави дека сака да се вклучи во трката за претседател на државата следната година, додека поголемите партии сè уште немаат објавено кој ќе биде нивниот кандидат за шеф на државата.