Четириесет и едно лице, меѓу кои 11 жени, денеска се ослободени како дел од новата размена на затвореници со Русија, соопштија денеска украинските власти, без да кажат колку Руси притоа биле разменети.
„Извршена е уште една размена на затвореници: 41 лице, меѓу кои 11 жени, се вратени дома. Дваесет и осум војници и 13 цивили се вратија дома“, напиша на Телеграм украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
Како што соопшти, меѓу ослободените е и член на украинското православно свештенство.
Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, се случија неколку размени на затвореници меѓу Киев и Москва, а последната размена беше на 30 април, кога беа вклучени 14 Украинци, меѓу кои и една бремена жена.