Со измените во Законот за јавни набавки, усвоени во Собранието, Бирото за јавни набавки добива дополнителни надлежности. Овие овластувања се наменети за развој и користење дигитални алатки, вклучително и решенија засновани на вештачка интелигенција, за автоматизирано следење и откривање неправилности и ризици во постапките, а се предвидува и воспоставување веб-сервиси за размена и обработка на податоци.
Во Собранието со 63 гласа „за“ и 20 „против“ повторно беа изгласани измените на Законот за јавни набавки. На истите измени претходно стави вето претседателката Гордана Сиљановска Давкова, поради член кој предвидуваше претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки да се именуваат за период од пет години со право на реизбор. Пред повторното гласање, пратениците од власта поднесоа амандман со кој го избришаа спорниот член на кој посочи претседателката.
Една од позначајните новини во законот е задолжителното користење на критериумот „најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот“ кај јавните набавки со повисока вредност. Институциите повеќе нема автоматски да се водат исклучиво од најниската цена, туку ќе мора да ги земат предвид квалитетот и другите карактеристики на понудите, при што институциите што планираат повеќе од три набавки со вредност над 130.000 евра годишно се задолжени да спроведат најмалку три постапки со овој критериум.
Законските измени предвидуваат и проширување на можностите за користење на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, како и зголемување на прагот за ваквите набавки до 20.000 евра. Вкупната годишна вредност на набавките под законските прагови кај одредени договорни органи се ограничува на сума од 25.000 евра.
Се воведува промена и кај начинот на продолжување на важноста на потврдите за службениците за јавни набавки. Наместо повторно полагање испит, условот ќе се исполнува преку континуирано професионално усовршување од најмалку 21 час во период од три години.
Кај постапките со преговарање без објавување оглас се укинува обврската за обезбедување претходно мислење од Бирото за јавни набавки, но истовремено се воведува задолжително објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи.
Измените исто така предвидуваат зголемување на надоместоците за жалбена постапка. Образложението за оваа мерка е намалување на бројот на неосновани жалби и подобрување на ефикасноста на севкупната правна заштита.
