Новоизградените шанкови, ѕидови, скали и галерии во дискотеката „Пулс“ ја отежнувале евакуацијата на посетителите и претставувале дополнителни бариери во објектот, сведочеше професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје.

Марковски го продолжи презентирањето на градежното вештачење, кое е еден од клучните докази на Обвинителството во постапката против 34 обвинети за катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани.

Од индустриски погон до објект со над 500 посетители

Пред судот биле прикажани два цртежа – едниот ја покажувал основата на објектот кога се користел за лесна индустрија, а другиот неговиот изглед откако бил пренаменет во угостителски објект.

Според Марковски, во производствениот погон престојувале само неколку лица, додека во дискотеката, по додавањето шанкови, ѕидови, галерии и скали, престојувале повеќе од 500 посетители.

Вештакот посочил дека новите елементи претставувале пречки за евакуација, што укажувало дека при реконструкцијата не била земена предвид безбедноста на луѓето.

Зафатите се изведувале без дозволи и надзор

Градежните интервенции во објектот биле изведувани во 2012 и во 2024 година, без соодветни дозволи, документи, инспекциски надзор и контрола.

Од презентираните фотографии било утврдено дека плочата под дискотеката била зајакнувана, а потоа врз неа биле поставени железни конструкции, шанкови, галерии, метални скали и мебел.

Според вештачењето, со ваквите зафати гостите со години биле изложувани на ризик без да бидат свесни за тоа.

Марковски: Инспекцијата имала обврска да интервенира

Одговарајќи на прашање на обвинителот Дарко Јакимовски, Марковски објаснил дека градежната инспекција е надлежна за контрола на градбите и пренамените, вклучително и откако градежните активности веќе биле завршени.

Доколку објектот бил изграден или реконструиран спротивно на законските прописи, инспекцијата имала право и обврска да побара враќање во првобитната состојба.

Марковски посочил дека не било пронајдено логично објаснување зошто надлежните локални инспектори не ја запреле нелегалната реконструкција, иако можеле да интервенираат. Меѓу обвинетите во случајот има и група градежни инспектори од Општина Кочани.

Извор: СДК