Вие имавте легендарна улога во градењето на оваа држава, вие господине Ахмети сте вистинска легенда, му рекол поранешниот генерал на САД и командант на здружените сили на НАТО за Европа, Весли Кларк на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
-Изградивте партија што се претвора во ’рбет на стабилноста на земјата. Фасцинантна трансформација за оваа земја која можеше да заврши со нестабилност, стана моќна држава на стабилноста, рекол Кларк на средбата со Ахмети, соопштуваат од ДУИ.
Кларк денеска е во посета на Скопје, каде што имаше средби и со премиерот Зоран Заев и со првиот вицепремиер Артан Груби.
Како што соопштија од кабинетот на Заев, на средбата со Кларк се разговарало за „новата реалност“ за Македонија и за регионот, откако земјата и неколку други земји од Западен Балкан се членки на НАТО.
Како што соопштија од Владата, поранешниот генерал на САД истакнал дека сега, откако заврши неговата војничка кариера, тој е целосно посветен како бизнисмен да го поддржува развојот на земјите од регионот и од Југоисточна Европа во делот на нивното економско поврзување со инвеститори од САД и Европа.
Груби пак истакнал дека денеска се чувствува почестен што во посета на нашата земја е „генералот кој ја водеше мисијата што го заврши болното поглавје од историјата на балканските земји“.
Кларк вчера беше во Косово, од каде дојде во Македонија.