На предизборниот митинг во скопската општина Шуто Оризари, лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека доколку нивниот кандидат ја добие довербата на граѓаните, општината ќе добие нов лик – со решени инфраструктурни проблеми, подобри јавни услуги и достоинствен живот за сите жители.

„Многу ми е драго што сум тука, во место со многу проблеми, но со големо срце и душа. Долго време оваа општина беше маргинализирана, газено беше достоинството на луѓето, но тоа мора да заврши. Шуто Оризари мора да оди напред, да решава крупни проблеми и да ги направиме животните услови подобри,“ изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека, како што рече, времето кога општината се третирала како приватна фирма на неколкумина завршува, и ги повика граѓаните на Шуто Оризари да гласаат совесно и без поткупи на претстојните локални избори, давајќи поддршка на кандидатот на ВМРО–ДПМНЕ, Ерџан Демир.

„Овој пат веќе не треба да се прифаќаат непринципиелни понуди и поткупи. Ветувам работа и решавање на проблемите со кои секојдневно се соочувате. За иднината на вашите деца, за квалитетен живот и проекти што навистина се реализираат,“ порача Мицкоски.

Меѓу најавените проекти се изградба на нова амбуланта во Шуто Оризари, за подобар пристап до здравствена заштита, како и инфраструктурни подобрувања во соработка со Град Скопје и Владата.

Кандидатот за градоначалник Ерџан Демир, пред насобраните граѓани, истакна дека неговата програма се темели на реални решенија, а не на празни ветувања.

„Другите велеа дека ќе направат ‘мал Париз’ или ‘Дубаи’ во Шуто Оризари, но ние ветуваме и реализираме. Заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе направиме општината средена, чиста и безбедна, со подобри услови за живот,“ рече Демир.

Потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Владо Мисајловски, додаде дека жителите заслужуваат чесна и транспарентна локална власт која ги решава вистинските проблеми.

„Со поддршка на Владата и новата локална власт, Шуто Оризари ќе добие инвестиции во инфраструктурата и јавните услуги. На изборите излезете и гласајте за иднината на вашето маало, за број 9 и Ерџан Демир,“ порача Мисајловски.