На состанокот, како што соопшти попладнево владината прес-служба, биле покренати прашања поврзани со тековното работење на компаниите, а станало збор и за мерките за поддршка за понатамошен развој и за активностите што ги презема Владата за унапредување на бизнис климата.

Вицепремиерот упатил благодарност до бизнис заедницата за активното учество во процесите што ги спроведува Владата и ги информираше присутните за неколку позначајни активности донесени неодамна.

Битиќи потенцирал дека во декември, за првпат по 10 години, а по повеќе од осуммесечна дискусија, Владата ги усвоила измените на Законот за царинска тарифа со кои ќе се овозможи усогласување на царинскиот тарифник со европските норми за 258 царински шифри што ќе обезбеди поголема конкурентност на домашните компании и предвидливост во реализацијата на процесите. Вицепремиерот информирал и дека на последната владина седница се усвоени измените во Законот за вршење на сметководствени работи, на кој се работи речиси пет години, а со кои ќе се изврши усогласување на националниот закон со меѓународните стандарди, со што дополнително ќе се олеснат сметководствените процедури и ќе се олеснат активностите на компаниите.