Активисти бараат затворска казна за мачењето на кучето Феликс
Активисти за правата на животните денеска одржаа мирен протест пред Кривичниот суд во Скопје, барајќи затворска казна за лицето кое го мачеше кучето Феликс во близина на Момин поток. Денес започна судењето за двајца обвинети, пренесува Скопје1.
View this post on Instagram
На првото рочиште, двајцата обвинети ќе се изјаснат за вината, по што, доколку ја негираат, ќе следи изведување докази и сослушување сведоци.
Протест со пораки за правда за Феликс
Протестот пред судот беше обележан со транспаренти преку кои граѓаните испратија јасни пораки за правдата за Феликс:
„Судија, ќе му бидеш ли соучесник на Љубе? Правда за Феликс!“.
„Душата на Феликс вреди колку човековата!“.
„Стоп за насилството против животните!“.
„Мачењето животни е кривично дело, затвор за убијците на Феликс!“.
„Прво куче, кој е наредната жртва?“.
Како беше убиен Феликс?
Обвинителството поднесе обвинение на средината од јануари, според кое:
На 19 ноември 2024 година, двајцата обвинети му нанеле непотребни маки и болки на кучето Феликс, мажјак, црна боја, стар околу една година. Првообвинетиот го удирал кучето со тврд дрвен предмет по главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди. Потоа, заедно со второобвинетиот, го врзале со жица и го влечеле по дворот до контејнер, каде што го фрлиле мислејќи дека е мртво. Кучето починало на 7 јануари 2025 година како последица на здобиените повреди.
Граѓаните бараат построги казни за насилство врз животни
Активистите и граѓаните кои присуствуваа на протестот бараат најстрога казна за обвинетите, потенцирајќи дека малтретирањето и убивањето на животни мора да се санкционира со затворска казна.
Овој случај предизвика бурни реакции во јавноста, а многумина го гледаат како тест за правниот систем во однос на заштитата на животните во Македонија.