Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги расчистил заостанатите предмети и повеќе нема листи на чекање за пристигнатите барања од МАЛМЕД, информира директорката на Институтот.
„Некогаш се чекало од три до шест месеци и се имаше натрупано работа, предмети… Некои се чувале и по фиоки, се прашувам зошто!?“, напиша директорката Марија Андоновска.
Таа посочува дека со подобра организација и ангажман успеале да ги сработат заостанатите предмети.
„Успеавме да се организираме и сè се сработи, веќе нема листи на чекање. Штом МАЛМЕД ќе пушти барање, кое одговара на законските прописи, се сработува во времето предвидено за тоа“, наведува директорката Андоновска.
Од ИЈЗ порачуваат дека стручноста, посветеноста и ефикасноста се во служба на граѓаните и јавното здравје.
