Студенти во Подгорица веќе втора ноќ протестираат, барајќи одговорност од безбедносните власти по трагедијата во Цетиње во која загинаа 13 лица. Со блокада на еден од најфреквентните булевари во главниот град, демонстрантите упатија силна порака до власта, извикувајќи „Оставка, политичари!“.
Според организаторите, протестите ќе продолжат секојдневно, сè додека не се исполнат нивните барања.
I sve više mladosti 🥰.
Budi se gradjanska Crna Gora ❤️ pic.twitter.com/2Scc8md67f— Tanja Pavicevic (@pavicevic_tanja) February 4, 2025
Барања за смена на безбедносните функционери
По масакрот што се случи на 1 јануари, студентите побараа итни оставки од министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ и вицепремиерот Алекса Бечиќ. Сепак, откако двајцата не си поднесоа оставки, демонстрантите сега го повикуваат премиерот Милојко Спајиќ да ги смени.
Студентите тврдат дека системските пропусти во безбедносниот сектор довеле до трагедијата и инсистираат на одговорност од институциите.
Протестите ќе продолжат – блокади низ Подгорица
Организаторите најавија дека демонстрациите нема да запрат, нагласувајќи дека блокадите ќе продолжат секој ден. Според нив, притисокот врз властите ќе се зголемува, сè додека не се преземат конкретни чекори.
Граѓаните на Подгорица се соочуваат со застои во сообраќајот, додека протестите стануваат сè поголеми.
Премиерот Спајиќ сè уште не се огласил во врска со барањата на студентите, а засега нема информации дали владата ќе реагира на нивните протести.