СДСМ во наредниот период дополнително ќе се демократизира, но и ќе се отвори за јавноста, особено за стручната јавност преку новиот систем на функционирање на комисиите, за што вчера беше и основан Советот за креирање и имплементација на политики, порача во интервју за Телевизија 24 Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ.
Богоев најави и силно теренско присуство на сите функционери и активисти на партијата.
„СДСМ ќе биде силно присутна на терен, онаму каде му е местото, во сите градови, во сите села и општини. Покрај присуството на терен на носители на јавни функции, ќе следува и организирано партиско присуство на членството. Новото раководство наскоро ќе направи план на активности кои ќе бидат корисни за сите граѓани“ истакна Богоев, додавајќи дека СДСМ е обединета и мотивирана да работи посветено за граѓаните.
Потпретседателот на СДСМ, Богоев, најави дека новата влада предводена од СДСМ ќе се официјализира кон средината на идниот месец.
„Некаде кон средината на јануари ќе го имаме целосниот состав на Владата и јавноста ќе се увери дека Владата ќе биде составена од луѓе кои ќе можат сериозно да одговорат на позициите на кои ќе бидат поставени.“ изјави Богоев, додавајќи дека Владата пред се ќе се фокусира на економските политики.