Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски ги освои срцата на љубителите на кралицата на спортовите во главниот град на Србија, кои со бурен аплауз и со овации му честитаа за минувањето втор низ целта на 39. Белградски маратон како единствен Европеец меѓу најдобрите десетмина и оставајќи четворица Кенијци веднаш зад себе!
Најдобриот македонски маратонец и олимпиец ја истрча патеката од 42,2 километри за 2:09,35 часа, што е вториот најдобар резултат во неговата кариера по државниот рекорд на Македонија во негова сопственост од 2:08,26 ч. што го постави во Севилја на 18 февруари 2024 година.
На предјубилејното издание на еден од најпрестижните маратони во регионот настапија над 14.000 натпреварувачи.
Медиумите во Србија се тркаа во тоа кој повеќе комплименти ќе подели за македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој го освои второто место на 39. Белградски маратон како единствен Европеец во топ-10 и со квартет Кенијци веднаш зад него.
„Рекорд и сензација на Белградскиот маратон – Македонец ги одушеви сите“, е насловот на Б92.
„Гемсиса постави нов рекорд на патеката – 02:09:11, но можеби уште поголем подвиг направи тркачот од Македонија, Дарио Ивановски. Во конкуренција на Африканци, кои со години доминираат на Белградскиот маратон, тој го освои второто место со феноменално време од 02:09:35“, пишува во написот.
„Соседот Дарио е сензација на Белградскиот маратон. Речиси претрча Африканец и ја потврди доминацијата на Балканот“, се вели во насловот на „Телеграф“.
„Белградскиот маратон денеска донесе трка со брзо темпо и очекувана доминација на африканските тркачи на долги патеки, но и одличен настап на најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски, кој го освои второто место и уште еднаш го потврди својот статус на еден од најдобрите тркачи на Балканот.
