Рускиот амбасадор во Полска, Сергеј Андреев денеска беше полеан со црвена боја за време на церемонијата на полагање на цвеќе во Варшава. Тој беше нападнат додека оддаваше почит на војниците на Црвената армија кои ги загубија животите за време на Втората светска војна.

На снимката на социјалните мрежи се гледа како Андреев е опколен од група демонстранти со украински знамиња на 9 мај, денот што Русија и неколку други земји го слават како пораз на нацистичка Германија и нејзините сојузници.

Руската амбасада минатата недела соопшти дека полските власти „препорачале“ откажување на традиционалната манифестација на положување на цвеќе оваа година, како и Бесмртниот полк во кој маршираат луѓе и носат портрети на роднини кои се бореле во војната.

„Препораката“ е дадена поради руската инвазија во Украина, соопшти амбасадата. Мисијата ги откажала сите други планирани активности по повод Денот на победата, но реши да продолжи со посетата на Андреев на воените гробишта.

Рускиот амбасадор не е повреден во инцидентот, пренесува РИА Новости.