Илјадници луѓе денеска протестираа во Мадрид барајќи оставка од шпанскиот премиер Педро Санчез по низата корупциски скандали поврзани со неговата влада.

Според шпанските медиуми, на протестот учествувале околу 40.000 луѓе, кои побарале распишување предвремени парламентарни избори.

Демонстрантите носеа шпански знамиња и транспаренти со пораки „Разбијте ја социјалистичката мафија“, додека дел од насобраните се обиделе да ги пробијат полициските бариери поставени околу резиденцијата на Санчез.

Полицијата приведе неколку маскирани лица по инцидентите за време на протестот.

На маршот присуствуваа и лидери на опозициската Народна партија и на крајнодесничарската партија Вокс, а протестот го предводеа претставници на шпанското граѓанско општество и европратеници од Вокс.

Тензиите дополнително се засилија откако шпански суд објави дека поранешниот социјалистички премиер Хозе Луис Родригез Запатеро е под истрага поради сомнежи за трговија со влијание и перење пари.

Запатеро, кој важи за близок сојузник на Санчез, ги негираше сите обвинувања.