Маж отворил оган во близина на безбедносен контролен пункт во Белата куќа во Вашингтон во саботата навечер, по што агентите на Тајната служба возвратиле на оган и го убиле.
Тајната служба на САД соопшти дека пукањето се случило кратко по 18 часот по локално време.

Според агенцијата, осомничениот извадил пиштол од својата чанта и почнал да пука, а полицајците потоа возвратиле на оган. Мажот бил однесен во болница, каде што починал.

Осомничениот е идентификуван како 21-годишниот Насире Бест. Судските записи покажуваат дека претходно бил уапсен во јули 2025 година откако се обидел да влезе во друг контролен пункт во Белата куќа без дозвола, непочитувајќи ги полициските наредби да застане, тврдејќи дека е Исус Христос и велејќи дека сака да биде уапсен.

По првичното сослушување, му е издадена забрана за приближување, а во август е издадена потерница за негово апсење поради непочитување на наредбата.
Во инцидентот во саботата беше ранет и еден случаен минувач, но властите сè уште не утврдиле дали бил погоден од куршуми испукани од напаѓачот или од полицаец.

Тајната служба соопшти дека нема повредени членови на нејзиниот персонал и дека претседателот Доналд Трамп, кој во тој момент бил во Белата куќа, не е во опасност.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека агентите се на местото на настанот и ќе ја известат јавноста штом ќе бидат достапни повеќе информации.

Новинарите во Белата куќа пријавиле дека слушнале повеќе истрели и им било наредено да се засолнат.

 

Ова е трето пукање во близина на Белата куќа во изминатиот месец, по пукањето на вечера на Здружението на дописници од Белата куќа во април и друго во близина на споменикот на Вашингтон на почетокот на мај.