Секое утро помеѓу 08:30 и 09:00 часот опозициската СДСМ до медиумите испраќа соопштение на истата тема, соопштение за сертификатот за познавање на англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски. Веднаш потоа, секој ден група на портали го следат наративот на СДСМ, а тоа е дека секој ден треба зборува оти наводно Христовски си купил лажен сертификат од фирмата Јулија Цо ЛТД од Пловдив, Бугарија. Овој наратив беше потпомогнат од бугарските медиуми, но и од бугарското МНР од каде објаснуваа дека кај нив не била регистрирана фирма со таква дејност.
Славјанка Петровска од СДСМ, одговарајќи на прашањето од каде на СДСМ им е оваа информација, одговори дека истата ја добиле од некакви свиркачи од АНБ. Останува нејасно како тоа свиркачи од АНБ на СДСМ му дале документ кој не се чува во АНБ туку во владата, која избира директор. Дали можеби свиркачите се од Бугарија и тоа од безбедносните агенции кои го имаат монтирано овој случај?
До сега од СДСМ не ни го покажале сертификатот на Христовски. Радио Лидер одлучи да не му верува ниту на Бојан Христовски, ниту на СДСМ, ниту пак на нивните партнери од Бугарија во овој случај. Одлучивме сами да ги истражиме наводите и да дознаеме што се случува? Документите до кои стигнавме, сведочат за многу нејаснотии во приказната на СДСМ и бугарите, сведочат за можна местенка, зад која постои огромна веројатност дека стои бугарската ДАНС (Државна Агенција за Национална Сигурност).
Постои ли компанијата Јулиа Ко ЛТД?
Онлајн проверката покажува дека оваа компанија постои и сѐ уште е во регистерот на фирми на Бугарија. Истата може да се пронајде и во неколку регистри за компании во Бугарија онлајн, а на интернет може да се пронајде и оглас дека истата врши обуки за полагање на TOEFL сертификат.
Значи, независно дали Јулиа КО ЛТД имала дозвола да го издава овој сертификат, факт е дека истата компанија од Бугарија го издавала и работела. Можеби, токму оваа компанија ги ставала во заблуда оние кои полагале таму, па жртва на измама да е и самиот директор на АНБ Хрисовски.
Во однос на тоа дали Џулија ЛТД за својата работа е признаена од бугарските власти, тука е јасно, бугарското министерство за надворешни работи ја ставило оваа компанија на листата на компании кои се овластени да вршат превод за потребите на бугарското МНР. Радио Лидер ексклузивно ја објавува целата листа на која може да се најде и името на оваа компанија. Истиот можете да го најдете на следниот линк. Таму е заведена со бугарска транскрипција, Джулия Ко. ООД.
За ова истражување, по 12тата минута вчера се разговараше и во Утринско еспресо на Радио Лидер.
СДСМ ја признава Јулиа КО ЛТД кога нивните функционери земаат сертификати од таму
Дека компанијата постои и дека бугарското министерство за надворешни работи ја овластило е јасно, но вчера во македонските медиуми излезе информација дека две државјанки на земјава биле условно осудени затоа што признале дека имаат сертификат од оваа компанија.
Истрага за случајот отвори и Државната комисија за спречување на корупција, но, документот до кој стигна Радио Лидер покажува дека во 2021, од ДКСК провериле функционер кој имал сертификат од оваа компанија и утврдиле дека истиот ги исполнува условите. Како тоа Јулиа ги исполнува стандардите кога од таму сертификат за јазик зема директор од СДСМ, а не ги исполнува кога од таму сертификат зема директор од ВМРО-ДПМНЕ, треба да откријат од партијата.
Зарко Милошевски и Виктор Димовски немале никакви сертификати!
Според информацијата до која стигна Радио Лидер, претходните двајца директори на АНБ, Виктор Димовски и Зарко Милошевски, не поседувале буквално никакви сертификати за познавање на англиски јазик. Спротивно на законот, тие од владата биле поставувани за директори на оваа институција без да приложат никаков доказ.
-Во нивните досиеја не може да се пронајде буквално никаков сертификат. – брифира за Радио Лидер извор од таму.
Останува да видиме дали за ова некој ќе сноси кривична одговорност и дали двајцата ќе завршат во обвинителство затоа што свесно ја ставиле владата во заблуда.
Улогата на бугарските служби
Постои огромна веројатност целиот овој случај да е испланиран, инсцениран и монтиран од Државната Агенција за Национална Сигурност на Бугарија. Ако се знае дека Јулија КО ЛТД, по објавувањето на скандалот од СДСМ наеднаш згасна и ги избриша своите веб страници а компанијата фигурира во листата на бугарското МНР.
Во интервју за 360 степени, директорот на АНБ, Бојан Христовски кажа дека отишол да полага во Пловдив таму затоа што таму имало најбрз термин при неговата проверка онлајн. Сега гледаме како згаснуваат фирмите таму, а истите се лиценцирани од МНР на Бугарија. Постои веројатност истите да биле формирани од бугарските служби, за токму функционерите од Македонија да бидат ставани во заблуда и уценувани. За тоа дали Христовски бил уценуван од бугарска страна, тој треба самиот да одговори, но со оглед на тоа дека опозициската СДСМ секое утро го праќа истото соопштение, и да бил уценет, очигледно не ја прифатил уцената.