Универзитетскиот професор Сефер Тахири вечерва во „Трилинг“ ги предвиде можните сценарија по овие избори. Тој детално го анализираше албанскиот политички блок и ги најави потенцијалните коалициони партнери.

На следните избори ќе имаме две крупни политички коалиции кои ќе настапуваат под речиси исто име. Од една страна е владиниот фронт за Европа предводен од ДУИ во кој најверојатно ќе биде партијата на поранешниот министер за земјоделие, господинот Хоџа и партијата на независниот пратеник Скендер Реџепи. Можно е да се вклучи и ДПА, а така ќе имаме еден поширок фронт на политички партии кои ќе настапуваат на изборите, вели Тахири.

Аналитичарот потоа зборува за останатиот фронт кој ќе се спротивстави на владиниот.

Од друга страна блокот којшто го предводат опозициските партии под името Европско движење за промени составен од БЕСА, Алтернатива и Демократско Движење ќе биде сериозен конкурент на ДУИ. Алијанса на Албанците заради учеството во власта ќе настапува сама на изборите бидејќи таа партија се одлучи да биде дел од власта во тежок момент за државата. Дали беше добро тоа – можеби, но така тие изгубија многу кај својот партиски електорат кој е опозициски расположение бидејќи дел од него е електорат на твдрата демократска партија на Албанците, додава Тахири.

Според него најголемиот натпревар ќе биде меѓу ДУИ и поранешните членови на ДУИ.

Изет Меџити 15 години беше долг период во ДУИ, беше втор човек на партијата, а и Африм Гаши порано имаше реалации со Ахмети, вели Тахири.


Тахири вели дека на следните избори клучни се работите во албанскиот политички блок.

Влада без Албанци би била најголемата историска грешка која некој би ја направил во државава, заклучува тој.

За политичките комбинаторики, апатичноста, иселувањето, проектите и останатите прашања зборуваме во текот на целата емисија.