Лишени од слобода 11 лица, еден во бегство

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со ОЈО за ГОКК и врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, изврши претреси на повеќе локации низ Скопје.

Лишени од слобода се 11 лица поради основано сомневање за сторени кривични дела „Лихварство“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. МВР поднесе кривична пријава и против Б.К. (35) кој во моментот е недостапен и се наоѓа во бегство.

Останатите осомничени се: Љ.Љ.(29), Д.В.(29), А.Т. (29), Д.Љ.(32), М.В.(25), М.Н.(36), А.Т.(32), З.А.(42), кои се сомничат како соизвршители или помагачи во двете дела. Дополнително, М.К.(73), П.К.(41) и Г.С.(46) се осомничени за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Механизмите на криминалната група

Според МВР, деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година до денес организирале криминална група за лихварство, која им позајмувала пари на оштетените со камата од 5% до 15% месечно. Кога должниците не можеле да ја вратат позајмицата, имотот бил оптоваруван или предаван на осомничените.

Паричните средства од несразмерната имотна корист, изнесувајќи 125.033.527 денари, биле внесувани во легалните финансиски текови преку банки или сефови. Потоа, дел од парите биле користени за трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел за лични потреби, а дел за купување недвижен и движен имот, со што осомничените воделе луксузен живот.