Девет полицајци и еден федерален агент од Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви се повредени во несреќата. Шест цивили се пренесени в болница – тројца со сериозни и тројца со полесни повреди.
Според „ЛА Тајмс“, единицата за борба против експлозии на полицијата во Лос Анџелес се обидела на безбеден начин да ги детонира запленетите импровизирани експлозивни направи и неколку тони нелегален огномет, но обидот бил неуспешен.
Експлозијата одекна во резиденцијален кварт, при што биле оштетени куќи и автомобили, а камионот во кој се наоѓал нелегалниот огномет е сериозно оштетен.
Началникот на полицијата во Лос Анџелес, Мишел Мур, на прес-конференција истакна дека полицајците пронашле неколку тони нелегален огномет и импровизирани експлозивни направи во една куќа, кои тој ги опиша како „нестабилни“.
Единицата за борба против експлозии потоа го премести целиот запленет експлозив и огномет во железна комора во специјално возило наменето токму за транспорт на ваков материјал.
Полицијата го активираше нелегалниот огномет верувајќи дека комората и возилото ќе можат да ја спречат експлозијата, но „се случи катастрофален неуспех“.
– Сè беше спроведено според протоколи за вакви ситуации, но очигледно се случи нешто во возилото што не требаше да се случи. Не знаеме зошто, но ќе дознаеме, објасни Мур