Енергетска и водна безбедност во фокусот на Давос
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера на пладневниот панел посветен на економија и инвестиции во рамки на Светскиот економски форум во Давос зборуваше за стратешките инфраструктурни проекти на државата.
„На вчерашниот панел зборував за стратешките чекори што ги преземаме како држава во однос на вештачката интелигенција, енергетиката и долгорочниот развој на државата“, изјави Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека Македонија паралелно ја зајакнува електричната и гасната инфраструктура.
„Во однос на вештачката интелигенција, ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија, но не само тоа, паралелно ги зајакнуваме и преносните линии за природен гас“, рече Мицкоски.
Тој откри детали за изградбата на два интерконектора: еден со Грција и еден со Србија.
„Во тој контекст, градиме гасен интерконектор со Грција, а започнуваме и со изградба на гасен интерконектор што ќе ја поврзе државата со Србија. Ова се стратешки проекти од суштинско значење не само за нашата држава, туку и за целиот регион“, истакна Мицкоски.
Покрај енергетските проекти, премиерот зборуваше и за изградба на три големи брани, кои ќе овозможат долгорочно снабдување со чиста вода за пиење.
„Имајќи ги предвид климатските промени, регионот ќе има сè поголема потреба од вакви резерви, кои ќе обезбедат долгорочна водна безбедност и стабилно снабдување со чиста вода“, додаде Мицкоски.
Стратешките инфраструктурни проекти, според премиерот, ќе ја зајакнат енергетската независност на Македонија и ќе ја подготват државата за иднината на регионалниот енергетски пазар.
