18-годишниот Андреј Танасковски од Македонија, вооружен во бегство, распишана потерница

Полициската управа на Црна Гора го идентификуваше 18-годишниот Андреј Танасковски, државјанин на Македонија, како осомничен за обидот за убиство на 56-годишниот Марко Љубиша, познат како Кан, од Будва. Настанот се случил на 7 август 2025 година во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Пржно, при што жртвата се здобила со повреди на главата. Полицијата апелира до граѓаните веднаш да пријават доколку го забележат осомничениот или ако побара сместување, предупредувајќи дека намерно прикривање информации може да биде кривично дело.

„Полициската управа, по идентификувањето и гонењето до обвинителството на осомничениот сторител на кривичното дело обид за убиство – А.Т. (18), државјанин на Македонија, кој избега вооружен, ги повикува граѓаните веднаш, доколку имаат сознанија дека тој изнајмил сместување или на друг начин престојува во објекти на територијата на Црна Гора, да достават информации за ова лице до најблиската полициска станица, преку дежурниот број 122 или анонимно на бројот 19969“, соопшти полицијата.

Од Полициската управа истакнаа дека секое понатамошно дејствие или прикривање на информации за движењето или престојот на Танасковски, вклучително и обезбедување сместување, може да претставува кривично дело помагање на сторител по извршување на кривично дело, за што следува законска одговорност.

Истрагата за нападот и обидот за ликвидација

Според истрагата, Кан е висок член на криминална група од Будва поврзана со шкаљарскиот клан. Тој бил нападнат додека бил на базен во хотелскиот комплекс. „А.Т., користејќи огнено оружје, испукал два проектили во правец на М.Љ., кој се здобил со повреди на главата. Потоа избегал во непознат правец“, информира полицијата.

Истражните органи имаат основано сомнение дека осомничениот за време на планирањето и подготовките користел лажна лична карта на име Ј.Г., државјанин на Србија, роден во септември 2006 година, како начин да се инфилтрира во хотелот и да ги реализира криминалните активности.

Регионалниот центар за безбедност Југ поднел кривична пријава против Танасковски за обид за убиство, недозволено поседување и носење оружје и експлозивни материи и фалсификување исправа.

Службениците на Полициската управа испратиле директно барање до македонската полиција, која во рок од 24 часа го потврдила идентитетот на осомничениот. „Полициската управа ја користи можноста да им се заблагодари на органите за спроведување на законот на Северна Македонија, кои дејствуваа во реално време, навремено и во директна комуникација со нас, и ги обезбедија потребните информации за истрагата“, стои во соопштението.

Од црногорската полиција велат дека се преземаат интензивни мерки за лоцирање и апсење на Танасковски, по кого е распишана национална потерница, и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за секој следен чекор во истрагата.