Францускиот претседател Емануел Макрон ѝ се обрати на јавноста во Франција пред утрешниот самит на Европската унија во Брисел, испраќајќи силна порака за руската закана и потребата од зголемени инвестиции во одбраната.

Макрон: „Русија е реална закана за Европа“

Во своето телевизиско обраќање, Макрон нагласи дека светот влегува во нова ера, во која Европа мора да биде подготвена да се справи со руските агресивни потези.

„Ако една земја може да го нападне својот сосед во Европа и да се извлече од тоа, тогаш никој повеќе не може да биде сигурен во ништо“, изјави Макрон, додавајќи дека руската закана е реална и влијае врз европските држави.

Тој предупреди дека Москва ги крши границите, убива противници и се меша во избори, додека истовремено ја зголемува својата воена моќ.

Макрон ја потврди својата подготвеност да испрати француски војници во Украина како дел од мировна мисија, доколку дојде до прекин на огнот.

Осврнувајќи се на улогата на САД, Макрон нагласи дека иако сака да верува дека Америка ќе остане сојузник, Европа мора да биде подготвена на можноста тоа да не биде случај.

„Франција е воена суперсила – ја имаме најефикасната армија во Европа“

Во пресрет на утрешниот состанок на Европскиот совет, на кој ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Макрон ги повика европските земји да ги зголемат инвестициите во одбраната.

„Франција мора да го признае својот специјален статус – ја имаме најефикасната армија во Европа“, истакна тој, додавајќи дека Париз располага и со нуклеарно оружје.

Тој најави нови инвестиции во одбранбениот сектор, нагласувајќи дека тие ќе бидат мобилизирани без зголемување на даноците.

Извор: Makfaks