Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на прес-конференција во партиското седиште попладнево соопшти дека четворицата пратеници утре ќе гласа за недоверба на Владата.
„Во изминатите денови претставниците на Алтернатива имаа една пречка која за нас претставуваше проблем. Сакаме да ве информираме дека таа пречка е отстранета, господинот Апасиев го тргна својот потпис од иницијативата за недоверба на Владата и затоа денеска можам да потврдам дека Алтернатива заедно со четирите пратеници утре ќе гласа за недоверба на Владата“, рече Гаши.
За чекорите понатаму, Гаши рече дека ставот на партијата е дека не треба да има брзи избори со оглед на енергетската криза и пандемијата, но оти треба да има нова влада изгласана од актуелниот собраниски состав.
„Алтернатива не мисли дека брзи предвремени избори се излез од ситуацијата, мислиме дека треба да се формира друга нова влада. Какво мнозинство ќе има ќе видиме низ процедури, кој пред претседателот Пендаровски ќе потврди дека го има мнозинството и кој може да формира влада. Мислиме дека во ваква криза, пандемија и енергетска криза не би било добро да има избори.Ние би прифатиле да влеземе во влада само со партии кои ќе прифатат идната влада да има вакви јасни определби – евроатлантски курс и добрососедски политики“, рече Гаши.