Новак Ѓоковиќ со доста ентузијазам ја најавуваше српската пресметка на Артур Еш стадионот во Њујорк, а Ласло Ѓере се погрижи да гледаме неочекувано возбудливо трето коло, во кое фаворитот беше на еден сет од шокантен пораз.

Повратникот на првото место на светскиот трон имаше бавно влегување во мечот и му дозволи на сонародникот да го наметне своето темпо, нешто што резултираше со загрижувачка негатива по неполни два часа игра во Њујорк.

Ѓере ги доби првите два сета со идентични 6:4 и тоа беше јасен сигнал за предупредување кај Ноле, но како многупати досега во кариерата, Ѓоковиќ го „разбуди ѕверот во себе“ при опасна негатива и со брутално подигнување на нивото направи пресврт.

И покрај тоа што не му одеше во воведните два сета, Новак пронајде лек за својот сонародник и со идентични 6:1 во третиот и четвртиот израмни на 2:2, по што беше јасно дека во петтиот сет влегува како апсолутен фаворит.

Ласло веќе немаше решение за ритерн играта на Ѓоковиќ и лесно ги губеше своите сервиси, а тоа беше најава за крајот, кој потоа следеше со конечни 6:3. Ѓоковиќ на овој начин го преживеа најголемиот тест на Ју-Ес Опен досега, а во осминафиналето го чека нова балканска пресметка, бидејќи ќе биде предизвикан од Хрватот Борна Гојо.