Грчките власти почнаа да поставуваат заштитни пловечки бариери на дел од плажите поради ширењето на опасната сребренопруга риба напухач, инвазивен вид што во последните години сè почесто се појавува во водите на Средоземното Море.

Мерката прво беше воведена во Халкида, каде што локалните власти поставија околу два и пол километри заштитни мрежи за да ја зголемат безбедноста на капачите. Според надлежните, бариерите треба да спречат влез на опасните риби во плитките крајбрежни води.

Грчкиот Црвен крст издаде предупредување до граѓаните веднаш да побараат лекарска помош доколку бидат каснати од оваа риба, бидејќи нејзините силни заби можат да предизвикаат сериозни повреди и обилно крварење.


Властите предупредуваат и дека рибата не смее да се консумира, бидејќи содржи тетродотоксин – исклучително опасен невротоксин за кој не постои противотров и кој може да биде смртоносен.

Покрај опасноста за луѓето, овој вид им создава сериозни проблеми и на рибарите, бидејќи ги оштетува мрежите и го уништува уловот.

По примерот на Кипар, каде што веќе се спроведува програма за намалување на популацијата на овој вид, и грчката Влада најави финансиски стимулации за улов на рибата. За секој предаден килограм ќе се исплаќа паричен надомест, а уловените примероци ќе бидат безбедно уништени во државни постројки.

Во меѓувреме, локалните власти најавуваат дека поставувањето заштитни бариери ќе продолжи и на други плажи, со цел посетителите безбедно да ја користат морската вода и во текот на летната сезона.