Грузиската полиција употреби водени топови и солзавец врз демонстрантите додека илјадници луѓе излегоа на улиците втора ноќ во знак на протест против владата што ги прекина преговорите за членство во ЕУ. Судирите продолжија и во текот на ноќта.

Бројката на приведени постојано расте. Министерството за внатрешни работи на Грузија извести за 107 приведени кои се казнети за непослушност и хулиганство. Земјата е потресена од немири откако владејачката партија „Грузиски сон“ победи на парламентарните избори во октомври, кои проевропската опозиција ги нарече наместени.

Во телевизиско обраќање до нацијата, прозападниот претседател Саломе Зурабишвили, кој е во судир со владејачката партија, рече: „Движењето на отпорот започна. Јас сум солидарна со него. Ќе останеме обединети додека Грузија не ги постигне своите цели: да се врати на својот европски пат, да обезбеди нови избори“.

Подоцна дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, која влегла да го расчисти просторот пред парламентот, тепајќи демонстранти, од кои некои фрлале предмети.

Телевизијата „Независна Пирвели“ објави дека една од нејзините новинари што известувала за протестот била хоспитализирана со сериозни повреди откако полицијата ја претепала неа и снимателот.

Медиумите пренесуваат дека демонстрантите биле растерани дури во 6 часот наутро.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека двајца нејзини службеници биле повредени бидејќи „демонстрантите вербално и физички ги нападнале полицајците, фрлајќи кон нив разни предмети и пиротехнички средства“.
За деескалација на ситуацијата, органите на редот ги искористија посебните мерки предвидени со законот“, се вели во соопштението.

На местото на протестот биле фрлени и два молотови коктели. Критичарите го обвинуваат „Грузиски сон“ дека ја оддалечил земјата од Европа и поблиску до Русија во последниве години. Пред изборите во октомври, таа го протурка законодавството кое го таргетира независното граѓанско општество и ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата, што предизвика предупредувања од Брисел.