Хаос во Софија. Протестите против воведувањето на еврото во Бугарија ескалираа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Софија. Поддржувачите на крајната десница се собраа пред Бугарската народна банка (БНБ) и претставништвото на Европската комисија, барајќи зачувување на националната валута – бугарскиот лев.
Демонстрантите се обидоа да упаднат во претставништвото на ЕУ
Според бугарските медиуми, демонстрантите се обиделе да влезат во зградата на претставништвото на Европската унија, при што користеле црвена боја, петарди и молотови коктели. Во судирите биле повредени околу 10 полицајци, а шест лица се уапсени.
Во еден момент, протестот кулминирал со палење на влезната врата на канцеларијата на Европската комисија во Бугарија.
Воведувањето на еврото предизвикува поделби
Бугарскиот парламент минатата година го усвои нацрт-законот за премин кон еврото како официјална валута од 2025 година. Сепак, процесот беше одложен поради висока инфлација и економски нестабилности, што предизвика поделени мислења во јавноста.
Ова не е првпат во Бугарија да се организираат протести против воведувањето на еврото, но денешните демонстрации беа едни од најнасилните досега. Властите најавија дополнителни безбедносни мерки за спречување на понатамошни инциденти.
Извор: Макфакс