Голем интерес и интервенција на полицијата
За само еден час во Велес беа поделени околу две илјади табли јајца, кои бесплатно ги делеа волонтери. Станува збор за донација од велешани кои живеат и работат во САД, преку компанијата „Шилер“, чија дејност е камионски превоз на стока. Поради големиот интерес и создадениот метеж, во еден момент интервенираше и полицијата со цел да воведе ред и да спречи можни инциденти и повреди, пренесе велешкиот портал Тирековмирече.
Дел од донацијата и за социјално ранливи семејства
Организаторите посочија дека целта на акцијата е граѓаните да ја почувствуваат радоста на Велигден. „Дел од донацијата претходно ја поделивме на семејства социјални случаи“, соопштија од компанијата „Шилер“.
Граѓаните земале повеќе табли, обезбедена и забава за најмладите
Некои од присутните земале по две или три табли јајца, објаснувајќи дека се за болни членови на семејството или соседи кои не можеле да дојдат. Секоја табла има пазарна вредност од околу 300 денари, додека пред десетина дена чинела околу 200 денари. Покрај јајцата, граѓаните добивале и кесичка црвена боја, а за најмладите била организирана забава со кловн и цртање велигденски мотиви.
Ова е трета година по ред како компанијата „Шилер“ организира ваква хуманитарна акција во Велес.
