Илон Маск преку видео-порака на крајнодесничарски митинг во Лондон: „Или се борите, или умирате“

На собир во Лондон на 13 септември, кој според организаторите обедини повеќе од 110.000 луѓе, Илон Маск се појави преку видео-врска и повика на распуштање на британскиот Парламент и промена на власта. Неговиот говор беше пречекан со аплауз од присутните на крајнодесничарскиот митинг.

Маск го критикуваше она што го нарече „woke вирус на умот“ и порача: „Мора да се случи промена на власта во Британија, не можеме да чекаме уште четири години. Потребно е распуштање на Парламентот и нови избори“. Во своето обраќање тој додаде дека „или се борите, или умирате“, а левицата ја нарече „партија на убиства“ повикувајќи се на убиството на Чарли Кирк.

Ова не е првпат американскиот милијардер јавно да се вклучи во британските политички дебати. Во изминатите години тој жестоко го критикуваше Законот за онлајн безбедност од 2023 година и одржуваше контакти со Најџел Фараж.

Истовремено, во Лондон се одржа и контрапротест со околу 5.000 учесници под слоганот „Стани против расизмот“. Двете групи беа физички одвоени со силно полициско присуство.

Меѓу говорниците на главниот собир настапија и британската публицистка Кејти Хопкинс и францускиот крајнодесничарски политичар Ерик Земур.