Попустот од 50 отсто на целиот асортиман во продавница на брендот „Најк“ во Австралија предизвика масовен метеж за време на распродажбата на Црниот петок. На социјалните мрежи масовно се споделува видеоснимка на која се гледа како купувачите пребаруваат низ огромни купишта расфрлани патики и кутии за да ја пронајдат својата големина.
Според информациите, снимката настанала во трговскиот центар „ДФО Хоумбуш“, лоциран во западниот дел на Сиднеј. Материјалот е објавен на платформата Инстаграм со наслов „Најк или депонија?“, по што предизвика силен бран реакции во јавноста.
„Најк најави попуст од 50% на целиот асортиман. Целата продавница се претвори во депонија. Патики има насекаде, кутиите се расфрлани по подот, луѓето буквално се тепаат за да го најдат својот број“, напишал авторот на снимката.
Илјадници граѓани на интернет остро го осудија агресивното однесување на присутните, а меѓу нив се огласија и вработени во трговскиот сектор кои апелираа за достоинствен третман кон работниците.
„Ние што работиме во трговија не сме ваши робови. Се надевам дека некој ќе влезе на вашето работно место, ќе направи хаос и ќе ве остави да го чистите нередот“, напишала една корисничка на Инстаграм.
Извршниот директор на Советот на трговските центри во Австралија, Ангус Нарди, отворено застана против недоличното однесување кон вработените за време на сезонските намалувања.
„Секаков вид непочитување или малтретирање на вработените во трговијата е срамно. Прометниот период на Црниот петок и божиќното пазарување не е никакво оправдување“, изјави Нарди за австралискиот портал „Њуз“.
Во трговските центри ширум Австралија во моментов се спроведува јавна кампања за коректно однесување кон продажниот персонал. Нарди најави значително засилено полициско присуство и дополнителни безбедносни мерки за заштита на вработените, при што на продавниците им стои на располагање и законска можност за изрекување забрана за влез на проблематични купувачи.
Економските проценки укажуваат дека австралиските потрошувачи ќе потрошат рекордни 7,2 милијарди австралиски долари во текот на четирите шопинг денови, од Црниот петок до Сајбер понеделникот. Ова претставува зголемување за 5,5 отсто во споредба со минатата година, при што се пресметува дека секоја минута ќе се трошат по 1,25 милиони австралиски долари додека семејствата ги набавуваат празничните подароци.
