Хемиска фабрика на компанијата ADAMA во јужен Израел била погодена од иранска ракета или од остатоци од пресретната ракета, потврди компанијата, пренесе Reuters. Засега нема информации за повредени лица.

Фабриката се наоѓа во Мактешим, во индустриската зона Неот Ховав, каде по нападот избувнал пожар. Израелската противпожарна и спасувачка служба соопшти дека станува збор за „инцидент со опасни материи“.

ADAMA, која е дел од кинеската групација Syngenta, информираше дека обемот на штетата сè уште не е утврден.

Надлежните служби ги предупредија работниците во и околу индустриската зона да се повлечат на безбедно и да се засолнат во заштитени објекти.

Претходно, израелската армија соопшти дека биле детектирани ракети лансирани од Иран, при што во текот на денот биле испукани повеќе бранови. За пожарот на југот засега нема пријави за повредени или дополнителни штети.

Во меѓувреме, ирански ракетен напад врз воен камп во Кувајт повредил десет војници и предизвикал материјална штета. Според кувајтската армија, во последните 24 часа кон земјата биле испукани 14 балистички ракети и 12 беспилотни летала.