Четирикратниот светски шампион во фудбал Италија третпат во низа ќе го гледа Мундијалот само на телевизија по поразот на пенали од Босна и Херцеговина во Зеница, откако финалето на баражот по 120 минути игра заврши нерешено 1:1.
БиХ ги реализира сите удари од белата точка, а од Италијанците погоди само Сандро Тонали, па по погодокот на Есмир Бајрактаревиќ стадионот „Билино Полје“ буквално еруптира!
Домаќинот упати дури 30 удари кон противничкиот гол наспроти деветте на избраниците на Џенаро Гатузо, кои поведоа преку Мојзе Кин во 15. минута, а израмни Харис Табаковиќ во 79. минута.
Од 41. минута „аѕурите“ играа без исклучениот Алесандро Бастони.
Босанците ја продолжија агонијата на Италијанците, кои последен пат играа на СП во 2014 година, а на претходното во Катар не се пласираа по поразот од 1:0 против Македонија во полуфиналето од баражот во Палермо.
Со одигрувањето на финалните средби од баражите, познати се сите учесници на фудбалскиот Мундијал 2026. Ирак стана последен учесник на Светското првенство, откако рано утрово во Монтереј (Мексико) ја совлада Боливија со 2:1.
Синоќа преку европските баражи, пласман на планетарниот собир изборија, Босна и Херцеговина по победата над Италија на пенали (4:1), Турција по триумфот над Косово (1:0), Чешка над Данска (на пенали 3:1) и Шведска над Полска 3:2.
На Мундијалот ќе учествуваат 48 екипи поделени во 12 групи. Групи на Светското првенство во 2026 година:
А: Мексико, Јужна Африка, Кореја, Чешка;
Б: Канада, Босна и Херцеговина, Катар, Швајцарија;
В: Бразил, Мароко, Хаити, Шкотска;
Д: САД, Парагвај, Австралија, Турција;
Е: Германија, Курасао, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор;
Ф: Холандија, Јапонија, Шведска, Тунис;
Г: Белгија, Египет, Иран, Нов Зеланд;
Х: Шпанија, Зелен ‘Рт, Саудиска Арабија, Уругвај;
И: Франција, Сенегал, Ирак, Норвешка;
Ј: Аргентина, Алжир, Австрија, Јордан;
К: Португалија, ДР Конго, Узбекистан, Колумбија;
Л: Англија, Хрватска, Гана, Панама.
Светското првенство ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули 2026 година.
