Одрон на карпа на пешачка патека во Кањон Матка за малку ќе предизвикал трагедија, откако голема карпа се урнала додека во близина имало посетители. Инцидентот се случил на 7 јануари годинава.
Според видеоснимки до кои дошол КУРИР, се гледа моментот кога карпата паѓа, само неколку секунди откако луѓето се тргнале од местото.
Лицата кои се наоѓале на патеката непосредно пред одронот се оддалечиле на два до три метри и продолжиле да го фотографираат кањонот, без да знаат дека следи опасност.
Во инцидентот нема повредени, но настанот повторно го отвора прашањето за безбедноста на пешачките патеки во Кањон Матка, особено во зимскиот период кога постои зголемен ризик од одрони.
Засега нема официјална информација дали надлежните служби извршиле увид на терен и дали ќе следуваат дополнителни мерки за заштита на посетителите.
