Пештерата Врело во Матка достигна нов историски успех, откако полскиот нуркач Бартломиеј Питала, со поддршка на тим нуркачи, се спушти до длабочина од 338 метри. Со ова достигнување, Скопје добива дополнителна можност да се афирмира на светската мапа на пештерското нуркање.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го поздрави подвигот, истакнувајќи дека станува збор за резултат што носи гордост за градот и за Македонија.

-Скопје ја има најдлабоко истражената подводна пештера од човек во светот, достигнување што носи огромна гордост за нашиот град и за цела Македонија!
Полскиот нуркач Бартломиеј Питала, со поддршка на посветениот тим, достигна неверојатни 338 метри во длабочините на пештерата Врело.
Деветчасовна операција, огромна храброст, знаење и истрајност за подвиг што го издигнува Скопје на највисокото место на светската мапа на пештерското нуркање.
Зад овој успех стојат луѓе кои веруваат во невозможното и имаат храброст да ги поместуваат границите.
Од срце им честитам на Питала, на СНК „Врело“, на нуркачите од Македонија и Полска и на сите што придонесоа за овој историски резултат.
Ви благодарам што со вашиот труд му подаривте на Скопје уште една причина за гордост!
Како градоначалник, особено сум горд што нашиот град има природно богатство кое го восхитува светот.
Град Скопје, преку програмата на Секторот за локален економски развој, ќе продолжи да ја поддржува работата на СНК „Врело“ и подводните истражувања.
Ваквите подвизи заслужуваат силна и постојана поддршка!
Овој успех отвора нови можности за промоција на Скопје и за привлекување посетители од целиот свет.
Матка има убавина што освојува на прв поглед и длабочини кои сè уште чуваат тајни.
Наша обврска е да го чуваме ова непроценливо богатство и достоинствено да му го претставиме на светот.
Нека продолжат убавите вести за нашето Скопје.
Нека овој рекорд биде поттик за нови истражувања, нови успеси и уште поголеми причини за заедничка гордост!
Честитки од срце!
Од длабочините на Врело испративте порака што одекнува низ целиот свет!, напиша скопскиот градоначалник.