Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати низа критики на сметка на ДУИ и претседателот Али Ахмети. Му порача дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец. Мицкоски смета дека Ахмети го во криминал го вплеткува и семејството, а го спомена и случајот со купувањето на „Соравија“ од Дрин Ахмети, внук од брат на Али, пренесе Макфакс.

„Тој човек, кој што себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал, но за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро. Би го советувал, да тие малкумина советници околу него кои што на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста – да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, посочи Мицкоски.

Објасни дека во правосудство не може да се верува, алудирајќи и на фотографијата каде шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е фотографиран со член на семејството на Ахмети. Според него пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не проаѓаат во јавноста.

„Таа порака не проаѓа во јавноста, туку граѓаните со индигнација ја отфрлаат. Довербата во партизираното судство и обвинителство, го кажуваат јавните мерења – а довербата од 0 до 100 е 8 проценти максимум. Тоа е така бидејќи имаме обвинителот кој што неколку месеци беше избран во ОЈО-ГОКК, гледате како еден човек му стои на глава. Знаете кој е човекот и од кое семејство е. А знаете и кој е актуелен по купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Тоа е семејството на Али Ахмети“, додаде Мицкоски.

Смета дека целта на раководството на ДУИ е да станат милијардери, со пари од граѓаните.

„Раководството на ДУИ не само што ја изгуби својата суштина, туку и жалам што поединци дел од тоа раководство, на крајот од политичката кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупција, но она што е пострашно, преку нивните семејства. Знаете кога семејството ќе го вклучите во политиката, тогаш вие не сте го допреле дното, туку сте отишле подлабоко. Тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тие се обидуваат да ја окупираат Македонија и на тој начин да станат милиони. Но тоа е стара амбиција, сега е милијардери да станат. Тие во денари, се милијардери на грбот на народот. А им асистира полтронскиот партнер, СДСМ и раководено од ова раководство. И таму има членови кои не сакаат да бидат полтрони“, додаде Мицкоски.