Министерството за здравство е запознаено со околностите со двајцата педијатри во Општата Болница во Охрид и во најбрзо време за болницата ќе се обезбедат уште двајца педијатри. Прегледот и пружањето здравствена грижа на деца во Општата Болница во Охрид се одвива непречено, во прва и втора смена.

Во болницата работи и дневна болница за пружање на лекарска грижа на пациентите. Дополнителна поддршка на болницата за лекување на деца е болницата и во Струга, велат од Министерството.

Денот кога беше објавено дека Одделот ќе работи со скратено работно време, директорот на болницата, Горан Балески, информираше дека договорени се со Струшкото одделение во нивната амбуланта во вечерните часови да одат пациентите во наредниве две – три недели додека да се реши овој проблем, потенцирајќи дека проблем ќе биде и ако се премине кон ротација на кадри, бидејќи недостиг на педијатри има и во околните градови.

Педијатрите, пак, во Охрид предупредуваат дека мора да се пристапи сериозно кон проблемот, дотолку повеќе што во зимски услови кога децата се многу почуствителни и поподложни на разни болести, дислокација на пациенти до друг град ќе претставува уште поголем проблем.

Во овој момент, треба да се повлечат педијатри од другите градови во охридското одделение, бидејќи е опремено со најсовремена клиничка апаратура.

Инаку, новото работно време од 8 до 20 часот од понеделник до петок ќе биде од времен карактер се до обезбедување на кадар за работа.