Пред една година на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартии од една во друга институција. Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата, дека нема потреба да се плаќа за побрзо да се заврши некоја работа. Денес со мобилната апликација мУслуги правиме конкретен чекор токму во таа насока, истакна премиерот Христијан Мицкоски да денешната промоција.
-Личен документ на мобилен телефон и пристап до јавни услуги на една апликација. Тоа можеби изгледа едноставно, но зад него стои многу посложена промена. Институциите да разменуваат податоци, процедурите да се поедноставуваат, а граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Токму тоа за мене е суштината на дигиталната трансформација. Тоа е важно затоа што дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека тој како човек, кој професионално доаѓа од инжинерството, на овие процеси гледа пред се како на прашања на добро дизајниран и функционален систем.
-Ако еден процес има непотребни чекори, неговото префрлање од хартија на екран нема автоматски да го направи добар процес. Ако две институции веќе поседуваат податоци кои законски можат да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција. Затоа суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија.Суштината е прво да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга. m. Uslugi е видливиот дел од тој систем. Зад она што денес го видовме стојат регистри, интероперабилност, електронски услуги, електронски документи, механизми за идентификација и автентикација, законска рамка и, секако, сајбербезбедност. Тоа се работи кои корисникот не мора да ги гледа, но без нив апликацијата не би имала вистинска вредност. И тоа е една од задачите на државата: сложеноста да ја реши во позадина, а на граѓанинот да му понуди едноставен и сигурен резултат. Овој проект има и многу практична економска димензија. Кога зборуваме за јавна администрација, често забораваме дека времето на граѓаните и на компаниите има реална економска вредност. Секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време, рече тој.
Премиерот посочи дека нивната цел е во следниов период да обезбедат се повеќе услуги кои граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време.
