Коњановски порача дека, доколку биде избран, се обврзува директно граѓанско учество во распоредувањето и трошењето на општинскиот буџет, дека ќе ги слуша желбите и потребите на граѓаните и дека ќе работи отворено и чесно.

На само два дена пред изборното финале, стојам пред вас со истото лице, со истиот образ и ветување што го дадов и на првиот ден од кампањата.

Јас сум еден од вас, битолчанец кој својот живот и приватно и професионално го поминав во Битола, секогаш со заложба градот да ни биде подобро место за живеење.

Тоа е и единствената причина заради која влегов во оваа битка, бидејќи оваа битка не е за мене, туку за Битола. За вас, моите сограѓани, за конечно да се чуе гласот на битолчани што и како ќе се прави во нашата општина – истакна Коњановски.

Тој уште еднаш ги повтори столбовите на неговата кандидатура и тоа што ја одбележа неговата кампања.

Прво – Гарантирам директно граѓанско учество во распоредувањето и трошењето на општинскиот буџет, сите заедно ќе ги одредуваме приоритетите;

Второ – Јас како лекар знам да ги слушам граѓаните, знам да се консултирам, и знам да ја донесам одлуката за оптимално решение на проблемот;

Трето – Отвореност, чесност и работа се принципите кои се темелот на мојот карактер, а човекот го внесува својот карактер во се што работи. Каков си, такво ти е делото;

Четврто – Почитувам стручност и компетентност. На Битола и е потребна брза и решителна акција. Мора да свртиме нова светла страница, за сите нас;

Петто – Гарантирам дека вие, почитувани мудри битолчани, го носите прогресот не само во Битола, туку и во Македонија;

Шесто – Силно верувам дека на 31 октомври ќе бидеме победници ние – ЗАЕДНО, ќе победи нашата Битола;

Седмо – За победничкиот број седум, од срце ви благодарам за поддршката, за храброста да бидеме сојузници. Ви благодарам за вашиот глас и ве повикувам да ја потврдиме силната желба за прогрес на нашата Битола, сите заедно, масовно и силно и на 31 октомври да гласаме за победа на Битола, за победничкиот број седум.