Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министрите кои се дел од делегацијата на Владата на Република Македонија, утринава пристигнаа во резиденцијата „Бојана“, каде што ги пречека премиерот Кирил Петков и министрите во Владата на Република Бугарија, по што започна пленарната сесија на заедничката меѓувладина седница со која копретседаваат двајцата премиери.
Во своето обраќање на пленарната седница, премиерот Ковачевски истакна дека со изразена политичка волја и за кратко време двете влади ја организираа заедничката седница како уште еден значаен исчекор кон решенија од заеднички интерес и кон придобивки за нашите народи.
Позитивни пораки од посетата во Скопје и пријателскиот амбиент на оваа средба ни потврдува дека македонските и бугарските граѓани се исклучително заинтересирани за силни меѓусебни економски врски и за активности на соработка кои поврзуваат“, нагласи претседателот на Владата на Македонија Ковачевски.
Ковачевски ги оцени како многу важни активностите за поддршка на европските интеграции кои носат наша заедничка европска сегашност и иднина, и дека токму затоа е важно продлабочувањето на соработката на двете земји преку културни, образовни и младински размени, инфраструктура која поврзува, мобилност, движење, дигитализација, брз проток на информации, без застој и без пречки.
Премиерот Ковачевски уште додаде дека на овие теми е посветен сериозен дел и во Софија е направен чекор понатаму со формирањето на работните групи од кои се очекува на оваа заедничка седница да бидат договорени приоритетите во секоја област од нивна надлежност.
Ковачевски потенцираше дека и во Скопје и во Софија дијалогот тргна од позицијата дека новиот политички момент создаден преку мандатите на двете нови Влади создава услови да се направи заеднички исчекор во периодот што претстои.
Ќе работиме низ потенцијалите и можностите, а не низ проблемите и пречките. Тоа е клуч за иднината, и посебно за нашата заедничката иднина во Европската Унија“, истакна во обраќањето на пленарната сесија на заедничката седница на владите премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата на Република Бугарија Кирил Петков во своето обраќање потенцираше дека заедничката меѓувладина седница е од најдобар интерес на двата народи.
Утврдувањето на заедничкиот календар на владите и на работните групи е од посебно значење за процесот на евроинтеграцијата на Македонија низ реализација на реални планови и проекти, рече Петков.
Бугарскиот премиер им посака на членовите на двете влади успешна работа, и, како што нагласи, наместо политичка реторика на граѓаните од двете земји да им понудиме резултати кои ќе го заменат национализмот и говорот на омраза.
Работниот дел од заедничката седница на двете влади ќе продолжи со тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и со средбата на министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска.
Во исто време ќе започнат и одделните работни состаноци на министрите копретседавачи и членови на Работната група за економија, трговија и иновации, на Работна група: инфраструктура, транспорт, поврзаност, на Работната група за европска соработка, зелена транзиција и дигитална трансформација, и владеење на правото, на Работна група: култура, наука и образование, млади.
На оваа сесија од работниот дел на програмата е предвидено да се одржи и состанок на копретседателите на Мешовитата мултидисциплинарна комисија меѓу Република Бугарија и Република Македонија за историски и образовни прашања проф. д-р Ангел Димитров и проф. д-р Драги Георгиев.
Премиерите и министрите на двете влади после одделните работни средби ќе продолжат со пленарната седница на којашто ќе се презентираат резултатите од работните групи, по што ќе следува потпишување на повеќе меморандуми и договори за соработка.