Во денешното обраќање премиерот и претседател на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски, по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати порака за обединување како општество околу европската иднина на земјата.
-На Денот на независноста упатувам порака да гледаме напред кон иднината исполнета со надеж и реална, дофатлива можност за подобар живот. Да се фокусираме на она што не обединува како општество и како земја и да ја донесеме одлуката за уставни измени заедно. Тоа е одлука за европска иднина со која ќе се гордееме сите денеска, но ќе се гордеат и нашите деца и внуци во децениите пред нас. Гласот на 8 Септември е глас за европска држава, глас за европска република, рече Ковачевски.
Стремежот на нашите предци, на револуционерите, партизаните, преродбениците, не бил да бидеме сами и изолирани, додаде Ковачевски.
-Тие се бореле и сонувале силна и напредна држава, рамноправна со големите европски држави. Да може самите да одлучуваме за себе. А не други да одлучуваат за нас, да ни ја кројат судбината, денешницата и утрешнината. Затоа, гласникот на слободата од 8ми септември 1991 година бара да го чуеме гласот за иднината. Тоа е гласот за Европа, рече Ковачевски.
Тој додаде дека пред една година ветил успешно справување со енергетската криза и го остварил, а сега ветува дека следниот избран претседател на државата, на изборите наредната 2024 година ќе биде од редовите на СДСМ и токму СДСМ ќе ја формира и новата проевропска Влада.