Полицијата во Калифорнија приведе седум жители на Окланд, на возраст од 17 до 31 година, меѓу нив и еден малолетник, поради учество во грабеж на златарница во Сан Рамон. Се сомнева дека дел од нив стојат и зад други слични напади во регионот.
Според истрагата, околу 30 маскирани лица пристигнале со шест возила, паркирани во близина на златарницата „Heller“. За помалку од една минута ги скршиле витрините и украле накит вреден над еден милион долари.
Вратата на продавницата била заклучена, па еден од напаѓачите пукал за да обезбеди бегство. Полицијата тргнала во потера, но ја прекинала бидејќи автомобилите на разбојниците развиле брзина поголема од 160 километри на час и претставувале закана за другите возачи.
И покрај тоа, дрон регистрирал важни детали – возилата и дел од напаѓачите. При апсењата биле запленети два пиштоли и дел од пленот, кој, според полицијата, бил исфрлен за време на бегството.
NBC објави снимки од безбедносните камери на кои се гледа моментот на грабежот: десетици лица со качулки влетуваат во продавницата, ги кршат витрините и брзо исчезнуваат со накитот.