Руската морнарица во текот на викендот лансираше хиперсонична ракета „Циркон“ кон симулирана цел во Баренцовото Море како дел од заедничките маневри со Белорусија под името „Запад 2025“.

Истовремено беше извршено лансирање на хиперсонична крстосувачка ракета, а ловци-бомбардери „Сухој Су-34“ реализираа воздушни напади врз копнени цели.

Вежбата започна на 12 септември и според официјалните објаснувања е насочена кон подобрување на командувањето и заедничката координација во услови на можен напад врз Русија или Белорусија. Москва и Минск тврдат дека маневрите имаат одбранбен карактер и не се насочени против земји-членки на НАТО иако Алијансата ја активираше операцијата „Источна стража“ поради упад на руски дронови во Полска.

Министерството за одбрана на Русија објави видеоснимка на која се гледа како фрегатата „Адмирал Головко“ лансира „Циркон“ и наведува дека целта е погодена според податоци од реално време. Во маневрите беа вклучени и противподморнички авиони, а пилотите на Су-34 тренираа бомбардирање.