Националниот парк „Шар Планина“ потврди редок и радосен момент за македонската природа: трап-камера на паркот снимала мајка рис со младенче, а двете животни се во одлична здравствена состојба. Со овој запис, бројот на документирани единки на рис на Шара расте од една на три.
Од паркот потсетуваат дека минатата година првпат беше забележан мажјак во Лешница, а најновата снимка на мајка рис со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Станува збор за „историски момент“, велат од управата, кој доаѓа како резултат на долгогодишно следење, стручна работа и внимателно поставена мрежа на мониторинг-камери.
Колегата што ја открил снимката имал и привилегија да го избере името на мајката рис – наречена е Сибел.
Паркот во објавата потсетува и на неколку карактеристики на балканскиот рис: станува збор за територијално животно што некогаш контролира површина од над 40 km², а неговата исхрана ја сочинуваат срни, диви кози, зајаци, еребици и други шумски видови. Пленот на Шара постепено се обновува, а забраната на лов значајно го олеснува закрепнувањето на популацијата.
Снимката, наведуваат од паркот, ја потврдува важноста на континуираното следење и инвестициите во заштита на биодиверзитетот, особено затоа што балканскиот рис е критично загрозен вид.
Тимот од Националниот парк откри и една симпатична деталност: по повод откритието, денес славеле – со мекици.
