Од Националниот Парк Шар Планина во објава на социјалните мрежи се пожалија дека веќе неколку дена нивните вработени собираат отпад на планината, оставен од несовесни посетители.

„Веќе неколку дена нашите вработени собираат отпад оставен од несовесни посетители на некои од најпосетуваните места во Националниот парк. На одредени локации состојбата беше толку лоша што моравме да организираме акции за чистење. Но, собирањето отпад не е работа на чуварите на заштитеното подрачје. Нивната основна задача е заштита на природата, контрола на теренот, спречување незаконски активности, мониторинг и грижа за природните вредности на Паркот. Овие акции ги преземаме затоа што состојбата на дел од локациите стана алармантна“, велат од Националниот парк.

Оттаму посочија дека Националниот парк опфаќа огромна планинска територија со шуми, пасишта, врвови, долини и глацијални езера и дека не е реално да се очекува дека на секое место ќе има корпа и дека некој ќе оди по посетителите и да го собере отпадот.

„Во природните делови на Паркот намерно не поставуваме корпи за отпад. Оставената храна и отпадот ги привлекуваат дивите животни, го менуваат нивното природно однесување и создаваат дополнителен проблем за екосистемот“, доваат од НП Шар Планина.

Правилото во природата, како што велат, е едноставно: Сè што сте можеле да го донесете полно на планината, можете да го вратите празно со себе. Спакувајте го својот отпад и однесете го до место каде што постои организиран систем за негово собирање, затоа што планината нема комунална служба.

Воедно наведуваат и дека до нив постојано пристигнувале информации за расфрлен отпад на места до кои не е лесно да се стигне – по бреговите на глацијалните езера, покрај планинарските засолништа што ги поставиле, околу изворите и чешмите со вода за пиење, како и во високопланинските предели. Оттука побараа јавна помош.

„Ги повикуваме планинарите, планинарските клубови, љубителите на природата и сите кои во следниот период ќе се движат низ повисоките и потешко пристапни делови на Шар Планина: ако можете, понесете една дополнителна кеса и помогнете ни да собереме дел од отпадот што некој друг несовесно го оставил зад себе. Ние сме мала институција со ограничен број луѓе и не можеме истовремено да стигнеме до секое езеро, засолниште, извор и планинска патека. Но со помош на луѓето кои вистински ја сакаат Шар Планина, можеме многу. А до оние што го оставаат својот отпад во природата имаме едноставна порака: Отпадот што денес го оставате зад себе веројатно ќе ве чека на истото место и при вашето следно доаѓање“, велат од Националниот Парк.